Нова сеча на здрави дрвја во Дебар Маало

На 10.06.2022 год., државен празник и неработен ден, без никакво претходно известување од страна на инвеститорот – Општина Центар, работници од „Гама Градба“ ДООЕЛ Скопје започнаа со градежни активности за расчистување на една од последните зелени површини со високо зеленило на ул. „Рузвелтова“ бр. 36 во Дебар Маало, реагираат од Зелен хуман град. 

Оттаму велат дека, со тешка градежна механизација утрото на 11.06.2022 год. (сабота) за само неколку часа беа откорнати вкупно 6 возрасни, здрави, прекрасни дрвја стари со децении.

-Веднаш потоа беа распарчувани, нивните остатоци помешани со откопана земја, натоварени во камион и однесени. Беа поништени, како никогаш и да не постоеле. Овој масакр врз насушно потребното зеленило во центарот на градот се одвиваше без изведувачот да приложи Решение за сеча на дрвјата кое неопходно треба да го издаде Секторот за комунални работи при Градот Скопје, а кое тој најверојатно ниту го имал обезбедено судејќи по криминалниот начин на кој се одвиваше уништувањето на дрвјата. На овој суров начин жителите на ул. „Рузвелтова“ бр. 36 дознаа дека веднаш, непосредно зад нивната зграда, која на ова место стои од 1962 год., од кога датира и зеленилото покрај зградата, ќе се пробие крак од улицата „Партизанска“ кон ул. „Рузвелтова“, што е предвидено со Изменувањето и дополнувањето на Детален урбанистички план Градска четврт Дебар Маало 1, донесен со одлука на Советот на Општина Центар бр. 07-9816/4 од 21.12.2012 год, појаснуваат од ЗХГ. 

Од ЗХГ образложуваат дека градежните активности се отпочнати без важечка документација.

-Покрај недостигот од Одобрение за градба и урбанистички проект за комунална инфраструктура – улица, Изведувачот „Гама Градба“ ДООЕЛ Скопје не постапи согласно член 83 од Законот за градење (Сл. весник бр. 18 од 2020 год.) со кој се дефинирани задолжително поставување на табла со информации (за градбата, инвеститорот, изведувачот, надзорот, одобрението за градба по кое се одвиваат работите и слично), како и соодветно обезбедување и оградување на градилиштето. Со тоа, изведувачот го прекрши наведениот Закон, и ги стави во непосредна опасност жителите на ул. „Рузвелтова“ бр. 36 како и другите минувачи, се наведува во нивното соопштение.