Нова опрема во пречистителната станица за отпадни води во Волково

Пречистителната станица за отпадни води – Волково, која делува во рамки на ЈП Водовод и канализација - Скопје е наменета за чистење на комуналните отпадни води кои доаѓаат од собирното подрачјето на населбите Кисела Јабука, Стопански Двор и Волково. Најголем придонес од проектот ПСОВ - Волково е заштитувањето на подземните води и на водите што се користат како резервен водоснабдителен систем за градот Скопје (бунарското подрачје Нерези-Лепенец).

По набавката на хибридниот дигестор, киселинско-базно отпорен заштитен кабинет кој ги абсорбира сите испарливи гасови кои се дел од голем број на хемиски реакции и претставува предуслов за безбедно лабораториско работење, ЈП Водовод и канализација – Скопје пристапи кон набавка на печка за жарење наменета за лабораторијата во рамки на ПСОВ – Волково.

„ЈП Водовод и канализација – Скопје посветено работи во насока на зголемување на ефикасноста и ефективноста на работните процесите. Печката за жарење во лабораторијата во ПСОВ – Волково, овозможува изработка на анализи на високи температури до 1200°C и истата е изработена од квалитетен не’рѓосувачки челик со двојна обвивка и прилагодлив влез на воздух. Таа овозможува изработка на голем број на анализи и истражувања, преку кои може да се обезбедат информации потребни за оптимизација на работата на постројките за третман на отпадни води и активна контрола на процесот на пречистување“ – истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација - Скопје.

За пречистување на отпадната вода се применува современа SBR технологија. Процесот на прочистување е целосно автоматизиран и истиот може во целост да се следи преку комјутерски SCADA систем.  Ефлуентот од ПСОВ Волково се пречистува според барањата на Директивата на ЕУ за урбана отпадна вода (91/271/EEC, 98/15/EC) за чувствителни подрачја.