Неделава ќе започне иницијатива за законски измени на ФЗО, случајот со младиот Леонид не е единствен

Заменик народниот правобранител, Јован Андоновски откри дека во текот на оваа недела ќе почне да се работи на иницијатива за законски измени со кои ќе се сменат законските и подзаконските акти на Фондот за здравствено осигурување.

- “На таа иницијатива ќе почне да се работи оваа недела. Со неа предвидуваме измени на Законот и на подзаконските акти, особено на подзаконските акти на ФЗОМ коишто се застарени и антидатирани. Измените би биле во насока на тоа да се цени секој случај индивидуално, значи не може да се категоризираат предметите само дали станува збор за лекување или рехабилитација, особено за оние случаи кога станува збор за животозагрозувачка состојба на пациентите“, изјави денеска Андоновски

Тој посочи дека случаите на Леонид Индов и Јани Иванов од Неготино не се единствени, туку постојат повеќе случаи на кои ФЗОМ на осигурениците не им овозможува соодветен третман.

- “Од нашето практично работење, можам да кажам дека не е само случајот Леонид Индов или Јани Иванов од Неготино.Станува збор за дузина случаи со коишто ФЗОМ на осигурениците не им овозможува соодветен третман, а притоа нивната состојба или останува иста или се влошува, за жал“, додаде Андоновски.

Претходно првостепената комисија на ФЗОРСМ го одбила барањето за лекување на младиот Леонид Индов во болница во Австрија затоа што според Правилникот на ФЗОРСМ за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство „медицинска рехабилитација“ не е на товар на Фондот. По приемот на решението од Првостепената комисија, семејството на Леонид има право на жалба во рок од 15 дена до Второстепена комисија и во таа насока од канцеларијата на народниот правобранител му е даден правен совет како семејството понатака да продолжи со правната постапка.

Младиот Леонид Индов во јули минатата година се повреди на летување во Грција. На 6-ти овој месец тој беше транспортиран со хеликоптер во здравствена установа во Австрија, на иницијатива на неговото  семејство