Не е дозволен влез во Грција со документи на кои го пишува старото име на државата, Албанија пушта и со стари лични карти

Од полноќ престанаа да важат патните документи и документите за меѓународна употреба што го содржат името на државата Република Македонија.

Од информациите кои пристигнуваат грчките погранични служби на граничниот премин Богородица-Евзони не им дозволиле влез на патници од нашата држава, кои имале сообраќајни дозволи со старото име на државата. Тие биле вратени, а покрај сообраќајните дозволи детално ги прегледувале и останатите патни исправи. На овој граничен премин до 12 часот поминале околу 300 патници и нема поголеми задржувања за поминување на границата.

Сообраќајот со Албанија се одвива согласно со билатералниот договор кој го имаме потпишано со важечки патни исправи и со возачки дозволи и регистерски таблички без ознаката НМК. Според информации на МИА, граничниот премин Ќафасан, со соседна Албанија, од македонска страна го напуштиле граѓани со стара лична карта без додавката Северна и не се вратени, односно се пропуштени и од албанските гранични служби.

На тој граничен премин од полноќ до 10 часот утрово, вкупно 837 патници направиле влез и излез од државата.

- “На Ќафасан од 00 часот од полноќ до 10 часот денеска, споредбено со вчера сообраќајот на патници и возила бележи благо зголемување, се одвива нормално, непречено и без застој од албанска страна. На влез регистрирани се 62 наши државјани и 441 странски државјан, или вкупно 503 патници. На излез регистрирани се 147 наши и 187 странски државјани или вкупно 334 патници. Полициските службеници од граничен премин Ќафасан ги превземаат сите мерки и активности за полесен проток на патници и возила“, изјави за МИА портпаролката Мерлина Зиба.

И на граничните премини „Блато“ и „Џепиште-Требиште“ на македонско – албанската граница кај Дебар нема промени во одвивањето на протокот на патници и возила.

На преминот „Блато“ нормално се одвива сообраќајот и албанските гранични власти ги примаат сите валидни документи, како и досега, согласно со билатералниот протокол. На граничниот премин, Џепиште-Требиште, кој е од локален карактер и имаат право да го користат само жителите од граничниот регион, до 12 часот немаше регистрано жител за влез на албанска територија.

Фреквенцијата на возила и граѓани за влез и излез во државата и на граничен премин Делчево – Станке Лисичково кон Република Бугарија утрово е во рамки на нормалата. Сите кои заминале надвор од Северна Македонија имале важечки патни исправи и документи и не е забележан случај на патници кои сакаат да патуваат во соседна Бугааарија, без потребната документација.

Нема пречки и проблеми во меѓународниот сообраќај ниту на граничниот премин Меџитлија.

- “Од ноќеска на полноќ, или од првата минута од 13 февруари до 10 часот претпладнево, на граничниот премин евидентиравме 21 патник, од нив тројца патници влегоа во нашата држава, а 18 патници отпатуваа во Грција. Во овој период осум возила од Северна Македонија отпатуваа за Грција, а едно возило влезе во нашата држава. Во сите случаи не се евидентирани проблеми со патната и сообраќајната документација, изјави за МИА“, Илче Петковски, командир на граничен премин Меџитлија.

На граничниот премин „Табановце“, според МВР, протокот на патници и возила се одвива со видно намален интензитет.

– Од 00:00 часот до 07 часот утрово излез извршиле 524 патници, додека влез оствариле 640 патници. Доколку на влез дојде државјанин на РСМ со патна исправа без натпис „Северна Македонија“ од наша страна лицето ќе се евидентира во систем и ќе му се дозволи влез во РСМ, соопшти МВР.