Најдени се седумгодишното дете и трите лица кои се изгубија кај реката Пчиња

Четири лица, две жени, еден маж и едно дете кои се изгубија, а се на возраст од 29, 18, 35 и 7 години доцна синоќа биле заглавени на исклучително стрмен терен, пред манастирот Мала Богородица по клисурата на реката Пчиња под автопатот Скопје Велес. Спасители со чамец по Пчиња од Катланово стигнале до опасната локација каде што биле залутаните лица и безбедно ги извлекле од десниот на левиот брег, а потоа и до автопатот. Теренот таму е исклучително стрмен и опасен за движење, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.

Изгубената група се обидувала по стрмен терен да стигне до манастирот Мала Богородица, по што се загубиле и немале можност да се вратат.

Спасителите беа од доброволното друштво „Македонски спасител безбедност на вода и планина Велес“, заедно со припадници на САЕ „Тигар“.

Од ЦУК информираат дека по реката спасителите наишле на многу препреки, па на неколку места чамецот го пренесувале на раце, а на едно место дупнатиот чамец и на терен го лепеле.

Студенилото, мракот и влажноста дополнително ја отежнувале потрагата, а залутаните лица имале само лесна дневна облека, маички по кратки ракави.