Најавуваат блокади ако не бидат исполнети нивните барања - граѓаните кои живеат околу Дрисла незадоволни од работата на депонијата

Граѓаните кои живеат во населената места во близина на депонијата Дрисла се незадоволни од нејзината локација, тие велат дека и претходно протестирале, но тие не вродиле со плод.

Љубе Јаневски, еден од незадоволните граѓани кажа дека оваа депонија е причина за зголемен број на случаи на болни од рак во местата што се блиску до депонијата.

-Со таа депонија сега си имаме големи проблеми. При секое движење на камионите полни со смет, без разлика дали доаѓаат од град Скопје или доаѓаат од околните села. Со самото движење камионите за собирање на сметот не се погодни за тоа и како се движат по асфалтот течат разни течности и хемикалии, изјави Јаневски.

Тој вели дека тоа е причина за непријатна миризба и побара за носење на сметот да се користат возила кои ќе бидат добро затворени како не би доаѓало до овој проблем. Тие бараат од градоначалниците на градот Скопје и општина Кисела Вода, Петре Шилегов и Филип Темелковски, да се реши проблемот.

-Ако градоначалникот Шилегов не преземе ништо, ние ќе се организираме, сите околни места, ќе направиме протест и ќе ги блокираме патиштата. Ова што се прави сега е неиздржливо, во околните места, особено Пинтија, Батинци, Љубош, според некои информации има поголем број на случаи заболени од карцином, изјави Јаневски.

Инаку, општина Струга избра и компании за транспорт на сметот од дивата депонија во нивниот град која подолго време претставува опасност по нивните животи право во Дрисла. Сепак, оваа одлука не наиде на големо задоволство кај граѓаните кои се незадоволни од локацијата на Дрисла.

За 40-тина дена ќе биде транспортиран сметот од струшката дива депонија до скопска Дрисла.

Општина Струга на јавен тендер избра компании кои ќе ги постават контејнерите, ќе го пренесат сметот и целосно ќе ја конзервираат постоечката депонија. Активностите на депонијата ќе започнат за некој ден, а целата постапка ќе чини околу 400 илјади евра.