Над 5.000 деца се на листи на чекање, пет минути работа е да ги изгласате измените, им порача Велковски на пратениците од СДСМ и ДУИ

На неколку дена пред распуштање на Собранието предлог законските измени на Законот за заштита на децата, кој беше предложен од техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, а чија цел е решавање на проблемот со недостиг на лиценциран стручен кадар во градинките во Македонија, Собранието одбива да го стави како точка на дневен ред, реагира денеска министерот Велковски.

„Морам денеска со жалење да истакнам дека Собранието, кое има само уште неколку дена работа до конечно распуштање, дневните редови ги направи, а точката за измена на Законот за заштита на децата не е ставена на дневен ред. Наместо да се грижиме за 5.000 дечиња што не се во детските градинки, да се грижиме да имаме негуватели, воспитувачи и стручен кадар кој ќе може да влезе во процесот на вработување веднаш по завршување на изборите, денеска на грбот на децата некој тера политика за тие, за жал, да немаат детска заштита во градинките“, рече Велковски.

Над 5.000 деца во Македонија се на листите на чекање за згрижување во детска градинка, а над 1.000 лица од 2021 година до сега чекаат да добијат лиценцирање како би го пополниле недостигот од стручен кадар во градинките во градовите во Македонија. Министерот Велковски веднаш упати апел до пратениците во Собранието да се охрабрат и да ја стават оваа точка на дневен ред, во која е предвидено во согласност со законот за лиценцирање да се дозволи и хартиено полагање на овој испит за добивање лиценци.

„Тоа е ситуацијата денеска со лиценците. За жал, неколкупати направив повик до Собранието и пратениците еве и денеска нека се охрабрат. Уште 4-5 дена имаат работа, нека ја стават оваа точка на дневен ред, а 5 минути работа е да ја изгласаат“, порача техничкиот министер Велковски.