Нацева-Фуштиќ: Игор Пехчевски ќе добие „трикафта“ во текот на месец јануари

Игор Пехчевски кој боледува од цистична фиброза и кој стана познат во јавноста откако јавно проговори за неговата болест и со проблемите со кои се соочува ќе го добие лекот во јануари месец изјави директорката на ЈЗУ Клиника за детски болести, Стојка Нацева-Фуштиќ. Според неа сите пациенти од приоритетната листа ќе го добијат лекот и ќе почнат со терапија во зависност од тежината на клиничката слика и состојбата во која се наоѓаат.

- “Нема место за стравување, сите пациенти од приоритетната листа ќе ја добијат терапијата во зависност од тежината на клиничката слика и состојбата во која се наоѓаат. Пациентот Игор Пехчевски, ако не е на листата за оваа недела, тогаш терапијата ќе ја добие во текот на јануари, односно од следната недела. Тој е пациент на Клиниката за пулмологија, не се води на Детската клиника, но комисијата, кога ја правеше листата, ја имаше предвид неговата состојба“, рече директорката Нацева-Фуштиќ

Денес се почнати само подготовки за давање на терапијата со „трикфата“, а за да почнат да го даваат и лекот, директорката Нацева-Фуштиќ вели дека чека одговор од министерот, кој ќе ги потпишува конзилијарните мислења.

„За да исклучиме секаков сомнеж за давање на терапијата, од министерот чекаме одговор, кој ќе ги потпишува конзилијарните мислења. Кога ќе го добиеме и кога пациентите ќе ги завршат сите подготовки, ќе почнеме и со давањето на лекот“, вели директорката Нацева-Фуштиќ.