На 6.март промоција на монографија за Универзална сала, „Скопскиот симбол на хуманоста“

Книгата е издание на ЈУ Универзална сала – Скопје, а објавена е со поддршка на Град Скопје.Промоцијата е закажана за 6 март во 12 часот во Грдаската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Книгата излегува по повод 60 години од зачетокот на благородната идеја да се изгради сала или културен простор што ќе има универзално значење и функција, наменет за организирање разни манифестации, културно-уметнички и помали спортски настани. Универзалната сала е замислена како мултифункционален простор што ќе служи како културен центар за скопјани. Проектот брзо го привлекува меѓународното внимание, па земјите од сите страни на светот ја нудат својата поддршка за да ја оживеат оваа амбициозна визија. Но низ годините салата станува многу повеќе од објект, таа станува олицетворение на солидарноста на Скопје, стоејќи како светилник на надеж, потсетувајќи ги луѓето дека не се сами во соочувањето со предизвиците. Салата станува домаќин на историски настани, поттикнувајќи го чувството на заедништво и единствена цел.

Многубројните архивски материјали, расфрлани по депоа, и сеќавањата на скопјани, кои остануваат само како усна традиција, со издавањето на оваа книга се материјализираат во трајно сведоштво за овој објект и институција од особено значење за културниот идентитет на градот. Оваа монографија собира на едно место дел од информациите, податоците, архивските материјали, сведоштвата за нејзината историја и културолошко значење, преку текстови, фотографии, интервјуа, одгласи во медиумите… Книгата, покрај историјатот на институцијата, ги опфаќа и многубројните настани што традиционално се одржувале во овој простор, вкупно повеќе од 5.000 манифестации, кои ги проследиле над 5.800.000 посетители.

Ова е една од ретките монографии за културното наследство од периодот на солидарноста и единствена за Универзалната сала како еден од објектите што будат носталгични чувства и сентименталност кај скопјани како градски репрезент на постземјотресното наследство на градот. Со тоа, ова наследство и богатството од настани што се одржувале тука добиваат физичка форма во облик на книга, која е од особено значење за градот Скопје во областа на културата. Оваа книга ќе остане да ја раскажува историјата на овој објект во срцето на градот, како негов најпрепознатлив симбол и траен сведок на антологиски збиднувања…