МВР со детали за случајот во Гевгелија каде полицаец застрела мигрант

МВР ги соопшти деталите околку вчерашниот случај во Гевгелија кога смртно настрада еден мигрант. 

-Вчера (19.04.2023) околу 06.20 часот кај Касарна Гевгелија од страна на полициски службеници биле забележани патничко моторно возило „мерцедес“, управувано од К. Ј. (26) и патничко моторно возило „форд фокус“, управувано од С.Б. (51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полициски службеници, по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот.

Притоа, полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите, кој веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итна медицинска помош за укажување лекарска помош, каде починал. К.Ј. и С.Б. се приведени, а притоа осум лица мигранти се фатени.

Известен е јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот, информираат од полицијата.

На лице место е извршен увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.