Муцунски контра Ковачевски: Формиравме јавно претпријатие кое ќе го менаџира процесот на улично осветлување

Тимчо Муцунски, градоначалник на општина Аеродром во гостување во Радио Лидер зборуваше за енергетската криза и посочи дека општина Аеродром формирала јавно претпријатие кое има обврска да го менаџира уличното осветлување.

-Ние преземавме повеќе мерки за надминување на енергетската криза. Прва е мерка за штедење односно ограничување на уличното осветлување, секоја втора светилка е пуштена навечер на територија на општина Аеродром и со тоа ја намаливме потрошувачката како апсолутен број, но исто така и со одлука на Советот формиравме јавно претпријатие кој што има обврска да го менаџира процесот на улично осветлување. Тоа јавно претпријатие согласно Законот за енергетика бидејќи има мал број на вработени, има мал приход како такво го префрлува уличното осветлување на таканаречениот регулиран пазар каде согласно актуелните берзански цени навистина е пониска цена по киловат час, појаснува тој. 

Муцунски укажа дека во врска со овие јавни претпријатија не се прават никакви злоупотреби како што тоа го најави премиерот Димитар Ковачевски затоа што со формирањето на вакви претпријатија се менаџираат со средства од граѓаните и за граѓаните односно се заштедуваат средствата.

-Прво многу често слушаме вакви небулози. Јас пред да го дадам правниот одговор би сакал да истакнам неколку политички поенти да дадам. Прво е начинот на кој ние во оваа држава ги третираме буџетските средства, тие се средства на граѓаните со кои ние како избрани претставници менаџираме и кога ќе каже премиерот ние даваме помош, не тие се средства кои ги менаџираме од граѓаните на граѓаните ги враќаме. Исто така е и оваа ситуација. Премиерот вели општините злоупотребуваат, не ние најдовме начин да ги заштедиме средствата на граѓаните, тој начин е согласно Законот за енергетика согласно Законот за локална самоуправа, согласно Законот за јавните претпријатија. Јас сеуште ја немам видено таа одлука која ја цитира премиерот, но прво ми е тотално нејасно како владина одлука ќе биде спротивставена со три закони кои што се во сила, рече Муцунски.

Во врска со овие јавни претпријатија Муцунски посочи дека премиерот Ковачевски најверојатно има правници во својот тим кои го советуваат дека вакви работи се недозволиви односно не може тој да ги забрани затоа што се согласно три закони.

-Дополнително влегуваме во серијата на небулози кои што ги изјавуваат од владата, што ќе се случи? Ние веќе имаме јавно претпријатие кое што е упишано во Централен регистар, кој што извршува дејност, што со одлука на Владата ќе се избрише тоа јавно претпријатие? Веројатно има премиерот правници кои што го советуваат, тој не е правник, економист, но би требало околу него правниците да го советуваат дека вакви работи се недозволиви, додаде Муцунски.