Младите во Македонија се депресивни и со намалена самодоверба, покажува студијата на УНИЦЕФ

Секој трет адолесцент кој ја помина ковид пандемијата страда од депресија, ова е заклучок од студијата на УНИЦЕФ и Универзитетската клиника за психијатрија од Скопје.

- Со урнисан образовен систем не можете да очекувате здрава младина“, дециден е проф. д-р Илија Ацевски, социолог. Тој изнесува, како што вели радикален заклучок дека децата го имитираат тоа што ги опкружува, а резултатите од сите истражувања се загрижувачки, адолесцентите ја изгубиле довербата во системот, а тоа често предизвикува нарушување на односите во семејството. Авторитетот на наставникот е скоро невидлив, да не речам сосема изгубен. Со децата не се работи. Нашиот образовен систем е урнисан, од основно се до факултет. Во таа смисла, она што го гледаме како општа слика за однесувањето и самодовербата кај младите луѓе е само манифестација на кризите во образовниот процес, потенцира Ацевски.

Тој додава и дека сето тоа порано или подоцна ќе се одрази на самиот индивидуален развој на секоја личност. Како ќе се носи со искуството зависи од неговата самодоверба, колку ќе има сила и потенцијал да ги надмине ризиците и да се оформи во вистинска личност.

На ист став се и психолозите. Според нив, дете кое нема здрава и позитивна самодоверба не може да се справи ниту со наједноставни пречки, а не пак со суштинските за живот.

- Трајната меморија, кај одредени личности, започнува да се темели уште од двегодишна возраст. Од тука можеме да констатираме дека уште од раѓање детето мора се кали, како би изградило здрава самодоверба, вели м-р Фики Гаспар, психолог.

Низ психолошка призма, Гаспар укажува за значењето на самодовербата кај децата, но и воопшто кај младите. Потенцирајќи на факторите кои играат клучна улога во која насока ќе се развие или не самодовербата од најрана возраст.

- Според нашата пракса, иако немаме направено официјални истражувања, се покажува дека најкритични се децата од 11 до 16 години. Кај нив најлесно може да се скрши самодовербата или да се пренасочи во погрешен правец, вели Гаспар.