Министерство за правда: Собранието го донесе законот за правда за децата

Собранието го донесе законот за правда за децата, соопшти Министерството за правда.

Основна цел на законот, чиј предлагач е Министерството за правда, како што појаснуваат, е остварување на најдобриот интерес на детето.

Додаваат дека изработката на овој закон беше инклузивен, при што учествуваа сите субјекти во системот на правда за децата, УНИЦЕФ и невладините организации.

„Со него се врши усогласување со директивите на ЕУ, што се однесуваат на процедурална заштита на децата што се осомничени или обвинети во кривичната постапка и за утврдување минимални стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на криминал;

Се овозможува изедначување на системот на правна помош кон дете во сите одредби на предлог-законот;

Зајакнување на заштитата на децата жртви и сведоци во кривичната постапка;

Внесување процедурални одредби во однос на текот на судската постапка кон дете и главниот претрес;

Зајакнување на механизмите за превенција на детското престапништво на локално и централно ниво, како и институционално, материјално и функционално зајакнување на Државниот совет за превенција на детското престапништво.

Основна карактеристика на законот за правда за децата е воведувањето и уредувањето ресторативна правда, односно вонсудските постапки за дејство на дете, што со закон е предвидено како кривично дело или прекршок.

Значајна новина со овој закон е уредување на правото на обесштетување дете жртва. Во согласност со став 1 од член 151 од овој закон се утврдува дека заради обесштетување дете што е жртва или е оштетено со дејство, кое со закон е предвидено како кривичнo делo на насилство и на други акти на индивидуално или групно насилство, се издвојуваат средства во рамките на буџетот на Министерството за правда“.