Минималецот наместо да донесе радост, повлече низа штрајкови

Порастот на минималната плата, наместо задоволство кај работниците и повисок животен стандард, донесе низа негодувања во општеството, па така голем број на вработени во разни сектори се одлучија за прекин на работата со штрајк.

На штрајк од 11 април се вработените во образованието, кои во меѓувреме делумно, односно во градинките, го прекинаа штрајкот.

Повисоки плати побараа и вработените во Пошта, но и вработените во администрацијата.

Сите овие категории на вработени бараат скалесто усогласување на платите со минималецот.

За Денот на трудот Сојузот на синдикатите најави голем работнички протест со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови и работниците од работниот однос.

Со протестот ќе се изрази револтот кај работниците од незголемување на останатите плати со порастот на минималната плата.

Главното барање е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и во јавниот сектор од 1 мај 2022 година, вклучително од општиот работник до претседателот на државата.

Поранешниот министер за финансии Трајко Славевски смета просветните работници и останатите вработени во јавниот сектор со право бараат поголеми плати со самата спирала која ја поттикнала власта со зголемувањето на минималецот.

– Власта по првите 100 дена се пофали со историско зголемување на минималната плата, а се противат на усогласување на сите останати плати. Тогаш постои причина за загриженост. Тие (штрајкувачите) не се виновни, ако вие се расфрлате со пари во семејството, барањето на вашите деца секогаш ќе бидат повисоки. Државата беше таа што го започна тој незапирлив синџир на расфрлање пари и гол популизам, што е мавање по сопствената глава со камен Пред три години го кажав тоа со апел да не се игра со односите минимална плата – просечна плата, затоа што ќе дојде до ова. Иако, никој не е против за зголемување на минималната плата и јавно го поддржувам ова на просветните работници, рече Трајковски во гостувањето во Утрински брифинг.