Меџити ќе бира нова директорка на Детска клиника

Министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека деновиве ќе назначи нов директор на Клиниката за детски болести оти досегашната директорка Стојка Нацева – Фуштиќ, заминува во пензија. Обезбедениот лек „трикафта“, набавка која ја направи Детската клиника, министерот Меџити го спореди со шлаг на торта пред пензионирањето на директорката.

„Директорката и милата професорка Фуштиќ подобро пензионирање од ова нема да може да има. Шлаг  на торта, навистина. Благодарам за се што дадовте од себе и за ова време што работевме заедно. Навистина сите сме многу благодарни. Професорката ќе продолжи да биде консултант ако му е потребно на новиот менаџмент што ќе биде на Детска клиника. Ние сме тука да го искористиме секогаш искуството на вакви наши вредни професори како професор Докиќ и професорката Фуштиќ. Деновиве ќе одлучиме и ќе соопштиме кој ќе ја наследи“, рече министерот Меџити на денешната прес-конференција за обезбедениот лек „трикафта“ за наредните два- три месеци како и за обезбедениот буџет за набавка на лекот за следните две години.

Директорката Нацева – Фуштиќ учествуваше во набавката на лекот „трикафта“ во март годинава кога беше постигната цена пониска од објавената на интернет, а по истата цена денес извести дека се набавени уште 102 дозажни форми, доволни за следните два-три месеци во кои на секои десет дена по седуммина нови пациенти ќе се вклучуваат на терапијата.

Министерот Меџити рече дека дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот за 2024 и 2025 година со што во следните две години пациентите со цистична фиброза ќе бидат обезбедени со терапија.