Манчевски: Просто ми е непријатно што дури и една Венеција сега се бави со корупцијата и политичкиот прогон во Македонија

Венецискиот филмски фестивал, најстариот во светот, објави писмо со поддршка за македонскиот режисер Милчо Манчевски.

Писмото објавено на сајтот на Фестивалот е потпишано од директорот Алберто Барбера и претседателите на двете италијански здруженија на филмските автори, Франческо Раниери Мартиноти на здружението „АНАК-Аутори“ (ANAC-Autori) и Франческа Коменини на „Ченто Аутори“ (Cento Autori).
www.labiennale.org

Во писмото се вели:

„Почитуван г. Манчевски,

Исклучително ни е жал што слушаме дека се соочувате со масовна политичка кампања на клевети, лични закани и политичка и професионална црна листа.

Потписниците на ова писмо – кое ја покажува загриженоста што ја делат Венецискиот филмски фестивал и двете италијански здруженија кои ги претставуваат авторите и филмаџиите на нашата земја: ANAC-Autori и Cento Autori – сакаат да ви ја изразат нашата безусловна солидарност.

Ја знаеме и цениме вашата работа како уметник, која секогаш се одликува со критериуми на апсолутна етичка и морална коректност, на експресивна доследност поттикната од силно чувство на општествена одговорност и интелектуална чесност. Уште од вашиот прв филм „Пред дождот“, кој го освои Златниот лав за најдобар филм на Филмскиот фестивал во Венеција во 1994 година, и кој помогна целиот свет да дознае за постоењето и квалитетот на кинематографијата во Северна Македонија. А потоа, преку вашите подоцнежни дела, меѓу кои и оние создадени надвор од вашата матична земја, со постојана цел да се вратите таму еден ден (како што и сторивте), да помогнете во зајакнувањето на филмската индустрија која сè уште има потреба од поддршка за да продолжи да расте.

Затоа уште повеќе се чудиме што вашето храбро осудување на неправилностите направени од агенцијата одговорна за поддршка на македонската кинематографија беше проследено со неверојатна кампања на прогон и континуирано непријателство од страна на агенцијата чие недолично однесување, згора на сè, беше потврдено.

Искрено се надеваме дека претстојното објавување на резултатите од новата истрага спроведена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), конечно ќе ја расветли целата ситуација и ќе стави крај на прогонот што го претрпевте досега.

Искрено,

Алберто Барбера, Директор, Венециски филмски фестивал

Франческо Раниери Мартиноти, претседател на ANAC-Autori

Франческа Коменчини, претседателка на Cento Autori“

Манчевски изјави:

„Просто ми е непријатно што дури и една Венеција сега се бави со корупцијата и политичкиот прогон во Македонија. Корупцијата, местењето конкурси и крадењето треба да запрат во Агенцијата за филм и во ДФРМ. Не сум единствен кој очекува дека Владата и Обвинителството доблесно ќе постапат“.

Манчевски е дел од славната историја на Венецискиот фестивал: во 1994 година „Пред дождот“ го освои Златниот лав, во 2001 година „Прашина“ го отвори фестивалот, а во 2013 година по повод 70 роденден на фестивалот, Манчевски беше поканет во екипата режисери да сними краток филм и „Четврток“ беше дел од таа селекција. Манчевски во 2012 беше и во жирито во венециската програма Хоризонти.