Македонија може да стане отпад за стара ИКТ опрема

Ако не се регулира увозот на стара ИКТ опрема од западните држави, Македонија може да стане отпад на стара опрема, предупредуваат од Групацијата на провајдери на дигитални решенија при Стопанската комора на Македонија.

Во законската регулатива да се забрани увоз на стара користена ИКТ опрема, која е штетна по здравјето на работниците и ја загадува животната средина. Ваква опрема да може да се користи само за сопствени цели, а не и во приватните компании и државните институции бараат од
Групацијата за провајдери на дигитални решенија при Стопанската комора на Македонија.

Околу 80 отсто од ИКТ опремата која се увезува во Македонија е стара. Поради тоа, од Групацијата предупредуваат дека ако не се регулира увозот Македонија може да се претвори во отпад на стара користена ИКТ технологија.

Од Групацијата апелираат дека старата ИКТ опрема има многу штетни влијанија по здравјето на работниците, а ниската цена е само на краток рок.

Според претседателот на Групацијата, Александар Пејковски потребно е да се применува европската директива согласно која се дозволува увоз на стара ИКТ опрема само за сопствени потреби.

– ИКТ опрема стара и по 10 години се користи во приватниот и во јавниот сектор бидејќи нејзината цена е пониска, но нема никаков бенефит од тоа. Во европските директиви увозот на стара ИКТ опрема е дозволена само за користење за свои потреби. Ако оваа регулатива не ја применуваме тука, тогаш Македонија ќе се претвори во отпад за користена ИКТ технологија од Европа. Ним многу им е поевтино да ја извезат оваа опрема на вакви пазари, отколку да ја уништат кај нив, истакна Пејковски.

Според потпретседателот на Групацијата, Марко Мариќ, старата опрема е навистина поевтина, но нејзините бенефити се краткокрајни, а вистинските заштеди компаните би ги направиле со солидни ИТ решенија, односно современ софтвер и стандардизиран хардвер.

Најмногу стара ИКТ опрема се увезува од западните држави кои сакаат да се ослободат од неа.