За едни отпад, а за други можност за заработка: “Зошто ви сметаме, ништо не правиме само собираме шишиња за да се прехраниме”

„Живееме од ова. Не дека се заработува многу, но барем е чесно. Собираме и тоа што сме го собрале го продаваме. Пари ни даваат одма, но тоа што го земаме е премалку за да се прехрани фамилија. Обично ми помагаат и децата, вака ја почнува својата тешка приказна скопјанецот Самир, кој повеќе од шест години, вака “заработува”.

Самир не е единствениот кој се занимава со собирање на шишиња низ улиците на Скопје. Како што вели тој, кога почнал биле само неколку души, но со текот на времето нивниот број се повеќе и повеќе се зголемува.

-Порано, заработката беше поголема, но денеска има многу конкуренција. Секој се бори за себе. Јас станувам рано наутро, заедно со моите деца. Јас на една, тие на друга страна на градот. Да побрзаме, да земеме пред другите, за да имаме да го истуркаме тој ден, зборувам за јадење само, за друго немаме. Сопругата ми е болна. Таа седи дома, инаку и таа помагаше порано. Сега ми требаат финансии и за нејзино лекување.

Самир и многуте други како него собираат пластика од дивите депонии, но и легалните места каде се депонира отпадот. Тоа што е важно да се спомене е дека најчесто станува збор за маргинализирани групи што живеат на работ на егзистенцијата.

-Секојдневно наидувам на лоши коментари, на исмејувања, на омаловажувања... Но, јас никому не пречам. Не правам ништо лошо, само сакам да си ја прехранам фамилијата. Исто и како вие што одите секој ден на работа, за да земете плата на први, исто како вас и јас. Само јас сум надвор и кога е минус 20 и кога е плус 40 степени. Мене никој не ме заштитува. Јас сум оставен на милост и немилост. Затоа, не ми ја отежнувајте дополнително работата и не ми ја земајте единствената егзистенција која што ја имам, вели Самир.