Левица обвинуваат дека настрада Црква од 1874 година од „Бехтел и Енка“

Во селото Ореовец, Прилепско, се наоѓа Црквата „Св. Димитрија“, историски храм изграден во 1874 година. Овој значаен културен споменик претрпе сериозни оштетувања по минирањето од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Според партијата Левица, минирањето во непосредна близина предизвикало земјотреси кои оставиле траги на оваа црква, каде што се наоѓаат фрески постари од 150 години, изработени на дрво и кожа, од огромно значење за месното население и културното наследство на регионот.

Последиците од минирањето се чувствуваат и надвор од црквата. Освен оштетените ѕидови на храмот, загрозени се и извори на вода кои го снабдуваат Прилеп, а оштетени се и куќи во селото Ореовец. Кревањето прашина од минирањето дополнително ја влошува ситуацијата, правејќи штета на локалната екологија и здравјето на населението, уништувајќи ендемични видови на животни.

Незадоволството на жителите на Прилеп кулминираше со десетдневна протестна блокада на патот кон село Ореовец, спречувајќи ги машините и работниците да продолжат со минирањето. Пратеникот Сашко Јанчев од Левица им се придружи на протестите, давајќи поддршка на блокадата. Партијата Левица, која претходно го блокираше договорот со „Бехтел и Енка“ со илјадници амандмани, сега најави дека нивните активисти се подготвени да ја поддржат борбата на граѓаните и физички на терен.