Левица нема да гласа за бетонизацијата кај Алумина, вели претседателот на Советот на општина Карпош Ристов

- Сведоци сме на уште еден бескрупулозен обид за изигрување на законите, со цел да се остварат бизнис интересите на инвеститорите, без притоа да се води сметка за квалитетот на живот на карпошани. Мегаломанскиот предлог дозволува изградба на објекти до 34 ката и илјадници нови жители со што во овој дел на Карпош комплетно ќе се наруши урбаното живеење, вели претседателот на Совет на општина Карпош од редовите на Левица, Бранко Ристов, во врска со предложеното нехумано урбано решение за блокот кај поранешна Алумина.

- Интересот на приватниот инвеститор завршува со обезбедување на што поголем број на станбени квадрати за продажба, а на сметка на квалитетно сообраќајно и инфраструктурно решение, нови градинки, паркови, објекти за култура и спорт, односно сето она што значи достоинствено и хумано градско живеење! - порача тој денеска во видео-изјава. 

Ристов нагласи дека советниците на Левица нема да гласаат за овој, како што рече погубен предлог и се надеваат дека и останатите советнички групи ќе го поддржат нивниот став против секаков вид на бетонизација на Карпош!