Кривична против екс директорот на ПИОМ Дритан Беџети, вработил луѓе кои не се појавиле на работа

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Бирото за јавна безбедност до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Дритан Беџети (45) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.

Во периодот од 19.02.2022 до 17.03.2023, кога ја вршител на функцијата директор на Фондот за ПИОСМ, пријавениот Дритан Беџети во име на фондот склучил повеќе договори  за дело и договори за извршување на самостојна работа со шест физички лица, постапувајќи спротивно на член 25 ст.1 од Закон за спречување на корупција и спротивно на одредбите од членовите во склучените договори.

Од соопштението на МВР се дознава дека Беџети иако ги ангажирал лицата тој знаел дека тие не ги извршувале работите кои им биле доверени, а не се водело никаква евиденција за нивно присуство во работните простории. Притоа на вработените лица во повеќе наврати им биле исплатени средства кои биле во согласност со нивните договори.

На тој начин, пријавениот Беџети овозможил лицата да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 1.387.558 денари или 22.525 евра на штета на Фондот за ПИОСМ, односно Буџетот на Република Северна Македонија.

Имено Беџети како директор на ПИОСМ дојде како кадар на Алијанса која тогаш беше во коалиција со СДСМ. Тој ја наследи Билјана Јовановска откако Владата мораше да ја разреши како дел од коалицискиот договор помеѓу двете партии.