Ковачки: Силјановска Давкова ќе биде лидерот и вистински Врховен командант

Претседателот мора да си ги знае надлежностите. За жал, сегашниот претседател воопшто не си ги знаеше надлежностите во делот на извршувањето на должноста Врховен командант на армијата, рече Драган Ковачки, носител на листата на пратеници во третата Изборна единица во отвореното студио пред почетокот на денешниот митинг, односно голем народен собир пред македонската Влада со кој ВМРО-ДПМНЕ и официјално ја започнува кампањата за избор на претседател.

„Човекот Стево Пендаровски, кој што е залутан во вилата на Водно, буквално ги одмолче сите скандали кои што постоеја во армијата и во Министерството за одбрана. Молчеше за набавката на хеликоптери, молчеше за коруптивните скандали и зделки за кои што говоревме во изминатиот период, молчеше за огромните скандали кои што се поврзани со професионалните стандарди. А, професионалните стандарди се потребни за да една армија функционира на начин на кој што е тоа предвидено, значи хиерархиски поставена, мотивирана и со развиен дух“, истакна Ковачки.

Тој додаде дека во изминатиот период имавме ситуации каде имаше вработувања во армискиот состав директно преку општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз во Арачиново и на тоа Стево Пендаровски одмолча, немаше никаков став, едноставно како да не го интересираше тоа што примањето на војниците во армијата не се правеше по стандарди и критериуми, туку по партиска основа.

Ковачки додаде дека овој начин на кој што одмолче за овој случај и не се заинтересира уште еднаш покажува дека Стево Пендаровски не си ги познава должностите и не ги почитува војниците на кој што им е надреден.

„Понатаму имаме случај каде што во мировни мисии се испраќале луѓе без безбедносни сертификати, меѓутоа и без соодветна обука, со што се загрозува и мисијата на единицата, се загрозува и угледот на армијата и на државата, но и на самите припадници испратени на мисија“, рече Ковачки додавајќи дека, како и за многуте други случаи, молчеше и за овој иако за тоа јавно се говорело. Затоа, додаде Ковачки, професорката Гордана Силјановска Давкова е се што Пендаровски не е и се што Пендаровски е, Гордана Силјановска не.

„И затоа мислам дека Гордана Силјановска Давкова ќе биде лидерот, ќе биде вистински Врховен командант. Жена која што во целост ги познава законските надлежности на Претседателот, на Врховниот командант и жена која што е посветена на развивање на патриотскиот дух. Ценам дека го имаме вистинскиот кандидат, ценам дека го имаме идниот победник на претседателските избори“, посочи Ковачки.