Ковачевски со порака по повод „11 Oктомври“: Да ја внесеме Северна Македонија во ЕУ, едни до други и едни со други

11-ти Oктомври бил, е и ќе биде секогаш на светлите страници на македонската историја, вели премиерот Димитар Ковачевски, честитајќи го Денот на народното востание.

- Благодарение на успехот во НОБ, постои денешна, современа и независна, демократска, евроатлантска Република Северна Македонија. Затоа 11-ти октомври 1941-та година, кога започнува македонското народноослободително антифашистичко востание, бил, е и ќе биде секогаш на светлите страници на македонската историја. Македонските борци, со непокорот уште од 1903 година и успехот во Народноослободителната борба во 1944 година, го трасираат патот до слободата и државноста, но и на македонскиот напредок, истакнува тој.

Дополнително, тој повика на обединување на патот кон ЕУ.

- Исто како партизаните, едни до други и едни со други, да останеме цврсти и обединети по патот напред. Да ја внесеме државата во ЕУ и да ги донесеме европските стандарди во родната земја. Да одговориме на аманетот и нашата света должност – денес ние, да создадеме иднина за следните генерации!, порача Ковачевски.