Кој се е замешан во проневерените 2.2 милиони евра од Националната агенција?

Вчерашната прес-конференција на Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски во која откри дека Македонија треба да врати 2.2 милиони евра поради злоупотреба со европските фондови за пошироката јавност беше можеби изненадување, за оние кои ја следат оваа проблематика не.

Директорот Ѓоргиевски кажа дека добиле известување во кое се бара поврат на срествата кои биле злоупотребени во период од 2016 до 2018 година.

- Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2. 276. 212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година, рече Ѓоргиевски.

Но она што директорот пропушти да го каже е дека Владата за ваквото известување знаеле месеци однапред, но зошто баш сега се решиле да излезат јавно да го споделат со јавноста можат само тие да одговорат на тоа прашање.

Известувањето што Владата го добила за поврат на овие средства било разгледувано на владина седница на 19-ти декември 2023 година. Ваквата инфорација буквално помина „по радарот“ на медиумите зошто тогаш најверојатно јавноста беше преокупирана со техничкиот премиер Талат Џафери кој требаше да го замени Ковачевски на премиерската позиција.

Еве што соопштија тогаш од Владата

„Владата на Република Северна Македонија, на седница одржана на 19 декември 2023 година, ја разгледа Информацијата за поврат на средства согласно Извештајот од ОЛАФ ОС/2019/0983/В4 и согласно расправата на седницата Владата ги задолжи Секретаријатот за европски прашања и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да го побараат официјалниот Извештај на ОЛАФ и потоа да го достават, за истиот да се разгледа на затворена седница на Владата со цел натамошно постапување соопштија тогаш од Владата.

Но да се вратиме на проневерените средства од Националната Агенција.

Истрагата за проневерените средства од Националната агенција не датираат од сега туку од 30.12.2019 година или од пред речиси 4 години. Европската комисија била информирана од тогашната директорка Лидија Димова за наводни проневери и дека парите најчесто завршуваат во две фирми. Од Европската комисија уште тогаш со допис пристигнало барање сите документи кои посочуваат кон злоупотреби да се препратат кон институциите во Македонија по што Димова поднесува пријава до обвинителството.

Поранешната директорка Димова тврди дека само што дознала за ваквите злоупотреби веднаш ја известила Владата, амбасадорот Жбогар, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за внатрешни работи, Комисијата за заштита на конкуренција и сите други институции кои се надлежи во врска со ова, но дека повратен одговор не добила. Таа тврди дека намерно била пуштена „низ вода“ и против неа почнала да се води вистинка хајка по ова нејзино открие.

„Јас долго време живеев во заблуда дека ја имам поддршката од Владата и од СДСМ. Но, од денешна перспектива ми е јасно дека тие никогаш не ме сфаќале сериозно. Всушност, мислам дека тие не веруваа дека ќе ја разоткријам целата шема и ‘ме пуштија да си играм детектив’. Но, кога веќе ја открив шемата и ја обзнанив на прес-конфереција, веќе беше доцна – Брисел знаеше сѐ! И тогаш го доживеав пресвртот – прво од мене се побара да ја повлечам пријавата, и кога не послушав, следуваше медиумската хајка со ‘тренираните магариња’, моето разрешување и сега судењето“

Освен ова Димова вели дека била повикана во партиското седиште на СДСМ каде во присуство на лице од ВМРО-ДПМНЕ кое гласало за уставните измени и било посочено да ја повлече пријавата. Димова посочува дека веднаш по нејзиното разрешување и стапувањето на функција на новиот директор Марко Ѓорѓиевски наместо тој да ги запре парите кон оние фирми за кои има сомнеж дека извршиле проневери тој им ги исплатил и преостанатите средства.

Со оглед дека не е ова мал скандал, посебно кога се бараат поврат на средства во висина од 2.2 милиони евра што не се малку пари се поставува прашањето кој се е замешан во овој скандал што директно дојде од Европската комисија каде Македонија е изнесена пред столбот на срамот. Сите досегашни изјави од сведоци, вклучувајќи ја и Лидија Димова посочуваат кон кабинетот на премиерот и одредени лица кои директно се инволвирани во целата оваа работа. Дали некој од нив ќе одговара што кредибилетот на државава е разнишан останува на времето да покаже.