Ќе се научиме ли на јавните места да ги користиме кантите и да не фрламе ѓубре околу нас?

Ѓубре на јавни места. На улица, во парк, на тротоар, на клупа, во трговски, во автобус... Кој е виновен за она што ни се случува? 

Зарем дома фрламе каде ќе посакаме? Како би ни бил чист домот, ако јадеме и фрлиме долу? Исто е и со јавните површини низ градот! 

- Јас сум родител на две мали деца. Секој ден сме во парк. Не можам да се справам со љубопитноста на децата кои земаат работи од земјата. Отпушоци од цигари, лименки, шишенца. Се уште се многу мали да знаат дека тоа не треба, па постојано водиме војана. Тоа не би било така, доколку проработи малку повеќе свеста кај луѓето и доколку малку повеќе работат комуналците, вели мајка. 

Дали комуналните службеници можат да исчистат толку, колку што граѓаните можат да извалкаат? И покрај напорите на градските власти, но и на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ за чистење на ѓубрето од пешачките зони, тротоарите и парковите и покрај поставените канти за отпадоци, некои од граѓаните постојано ѓубрето го фрлаат каде што ќе стигнат. 

Догорчиња, отпадоци од храна, ќесиња и пакувања од разни јадења, пластични чашки и лажици од кафе можат да се забележат речиси насекаде низ главниот град.

Надлежните велат дека има доволен број на корпи за отпадоци, но очигледно е дека на граѓаните полесно им е да фрлат таму каде што им одговара на нив. 

Дали се казнуваат несовесните граѓани? Дали доколку казните би биле поригорозни, ќе се внимава на хигиената и ќе почне повеќе да работи совеста на луѓето?