Ќе попушти ли ковидот, за матурантите традиционално да прослават матура?

Второто полугодие за средношколците од завршните години секогаш е во знакот на подготовките за матурата чие големо прославување во изминативе две години беше прескокнато поради ковид-пандемијата.

Дали има простор и какви се можностите за традиционалните матурски прослави годинава кон крајот на мај кога завршува учебната година за учениците од завршните години? Се уште е рано да се планира, со оглед дека пандемијата има непредвидливи текови.

Ги прашавме за став самите средношколци, но и професорите?

-Изминативе две години матурантите беа на некој начин лишени од матурските прослави и екскурзиите. Здравјето е најважно, така што тоа е што е. За годинава рано е да се прогнозира, но сепак сакаме да се надеваме и да веруваме дека кон крајот на мај ковид пандемијата ќе спласне и ќе имаме доволно време да организираме заедно со учениците соодветна прослава која несомнено е еден вид на убаво доживување, убав спомен за заокружување на крајот на средното образование, вели професорка од едно средно скопско училиште.

-Дефинитивно ни фалат екскурзиите, но таква е ситуацијата за сите не само за нас. Се разбира дека ќе има фотографирање за претстојаната матура, ќе се организираме да купиме подарок за класната, и се надеваме дека мерките ќе дозволат да има класична прослава на целата генерација во некој ресторан со музика, вели една матурантка.

-Иако е голем трошок, убаво е да има голема прослава за матурата. Чекаме да видиме како ќе биде во март, април. Ако нема ништо од прославата, ќе се организираме само нашиот клас да прославиме со професорите, вели друг средношколец.

-Не ми менува многу дали ќе слави целата генерација или скромно ќе се собереме само нашиот клас. Премногу акцент се ставаше на матурските прослави пред пандемијата што мене лично не ми се доапаѓа. Музика, гламурозни тоалети, многу потрошени пари за една вечер, набаре сме магистрирале. Според мене доволно е да се собереме нашиот клас, оние кои се дружиме и да наздравиме за крајот, така да панедмијата не ми промени многу во тој поглед, е ставот на друга средношколка.