Државната матура, ќе се полага во два термини на 1 и 8 јуни во холовите или спортските сали на училиштата

Оваа учебна година државната матура наместо во училници ќе се полага во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

По минатогодишното споделувања на прашањата на апликацијата Вибер по испитот Англиски јазик оваа година ќе има повеќе тестатори за поголема контрола на случувањата во текот на испитот.

“Очекуваме оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата ќе бидат генерално поверодостојни“, изјави за МИА Билјана Михајловска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ)

Околу воведувањето на блокатори на сигнали на мобилните телефони Михајловска вели дека без разлика дали има или нема не е дозволено користење на било какви уреди за време на испитот и додава дека тие како институција не се надлежни да ги опремат училиштата со таква опрема.

“Државниот испитен центар смета дека би било добро да има блокатори, но, пред сѐ, очекува коректен однос и почитување на правилата – и од страна на матурантите, и од страна на тестаторите. Како институција не сме надлежни да ја донесеме одлуката за користење блокатори или да ги опремиме училиштата со таква опрема.Доколку се донесе таква одлука на повисоко ниво, секако дека ќе ја почитуваме и ќе направиме сѐ што е потребно за нејзино спроведување“, изјави Михајловска.

Двата екстерни испита од државната матура во јунската сесија оваа година ќе се полагаат на 1 јуни – задолжителниот испит (македонски јазик, албански јазик и турски јазик) и литература и на 8 јуни – изборниот испит (математика,  англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика).

Освен збирките задачи и прашања за државната матура, испитните програми и правилата за полагање, на веб-страницата матурантите може да најдат и дополнителни важни информации за структурата на испитите, упатства за подобри одговори на прашањата, како и примери на одговори со коментари и сугестии за подобрување на способноста пишување.

“Имајќи предвид дека и оваа година матурантите ќе полагаат согласно скратените испитни програми, во збирките има и повеќе од доволно задачи за подготовка на матурантите за успешно полагање на испитите. Подрачјата и способностите кои се проверуваат се исти како и минатата година. На веб-страната е дадена листата на литературни дела за оваа година која е покуса во она што е дадено во испитната програма. Ако матурантите ги разгледаат задачите и прашањата од претходните години, ќе увидат дека видот на прашања е ист или сличен, се менуваат само нијанси“, додава Михајловска.

За полагање на годинашната државна матура се пријавени 14 838 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 10 093 за албански јазик и литература, 4189 кандидати за турски јазик и литература.

За вториот (изборен) екстерен испит пријавени се: 315 кандидати за математика, 13 199 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 104 за германски јазик, двајца кандидати за руски јазик, еден за филозофија и 84 за естетика.

 ДИЦ е сѐ уште  во комуникација со средните училишта за утврдување на конечниот број на матуранти што ќе полагаат и можни се, вели Михајловска, сосема мали, занемарливи промени до крајот на процесот на потврдување на конечните податоци од страна на училиштата.

 Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.