Кисела Вода нема да има населено место без подземна инфраструктура, порача Ѓорѓиевски и даде отчет за сработеното во изминатите две години

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски во својот отчет за двегодишната работа на чело на општината порача дека за само две години изградиле подземна инфраструткура како никогаш во минатото.

- Нашата мисија беше да ја донесеме општината во 21 век и мојот народ повеќе да не живее во супстандардни услови. Донесовме вода за пиење онаму каде што немаше и тоа во вкупна должина од 3.610 метри водоводна мрежа. Изградивме и фекална канализација од 6690 метри и атмосферска во должина од 4470 метри, рече тој и информираше дека следната недела конечно започнува и проектот за фекална канализација во Пинтија, која беше неколку години лажно ветувана. 

- Дополнително, се работи и на примарната мрежа за водовод во Драчево и во тек е вградување на поединечните приклучоци. Останува уште населба Стаклара која не е изоставена од моите планови! За многу кратко време ќе започнат градежните активности за изведба на фекална и водоводна мрежа, дел од средствата се обезбедени и наскоро ќе стартуваме со работа. За првпат во историјата, Кисела Вода нема да има населено место без подземна инфраструктура! - вели првиот човек на општината во својот отчет.