Кино „Милениум“ нема да работи, оштетено е од невремето

Од Градското кино Милениум известуваат дека невремето кое го зафати главниот град имало голем удар и врз Киното.

-Како што може да се забележи од приложените слики и видео материјали, од двете страни на платното имаше проток на вода, низ неонските светла на двата странични излези лево и десно од сцената, кровот на салата е дополнително уништен, паднати се делови од таблите на таванот, водени се сите делови од кровот кон системот за озвучување во салата. Во предниот дел на салата, меѓу бината и првите редови седишта имаше огромно количество вода кое се слеваше од сите страни на кровот надолу. Делови од фоајето се зафатени со влага, влезот на киното беше комплетно поплавен. Дополнително ќе се врши и проценка на електричната инсталација. Во текот на следниве денови ќе се прави дополнителна проценка на материјалната штета предизвикана во фоајето, салата, тоалетите и дел од службените простории на киното, објавија од Милениум.

Информираат дека додека не се изврши комплетна санација и реновирање на киното и додека не се процени дека е безбедно граѓаните повторно да влезат во сала, Градско Кино Милениум нема да работи на неодредено време.