ЈСП денеска со намален број на линии, паркингот во Центар е бесплатен

ЈСП Скопје извести дека автобусите денеска ќе сообраќаат по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема воопшто да работи.

Со оглед на тоа што денот кога се одржуваат парламентарните и вториот круг од претседателските избори е прогласен за неработен за сите граѓани, и автобусите од градскиот јавез превоз ќе сообраќаат по скратен, односно неделен возен ред.

Воедно, жичницата од Средно Водно во врвот Крстовар нема да работи.

Дежурни билетарници од 7 до 14 часот ќе бидат само две,  на Транспортен Центар и Ѓорче Петров. 

По повод Македонските претседателски и парламентарни избори, од ЈП Паркинзи на општина Центар известуваат дека денеска паркиралиштата со кои стопанисува јавното претпријатие ќе бидат без наплата за сите граѓани.

Дирекцијата на ЈП Паркинзи на Општина Центар во катната гаража „Судска палата“ нема да работи, а сите услуги можат да се користат електронски на www.poc.mk.

Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и работењето на дирекцијата ќе продолжат од утре со вообичаено работно време.