Јордановска кон политичарите: Овде навистина сте си, независни, а богами и слободни да си играте со нашите пари, нерви, здравје, живот

Новинарката Мери Јордановска со став со кој многумина ќе се согласат, токму на денот кога се одбележуваат 32 години од независноста на земјава. Но, она што деновиве се случуваше на политичката сцена, но и сето она со кое секојдневно се соочуваат Македонците ја предизвикаа новинарката Јордановска „жестоко“ да одговори. 

- Нека ви е среќна независноста, оти овде навистина сте си, независни, а богами и слободни да си играте со нашите пари, нерви, а најмногу со нашето здравје, па и живот, им порача таа на политичарите. 

Нејзиниот став ви го пренесуваме во целост: 

- Шарената револуција почна пред 7 години, откако тогашниот претседател Иванов аболицираше над 50 луѓе за кои се водеше (или се мислеше дека ќе се води) истрага во СЈО. Обичниот граѓанин тогаш не сакаше некој да биде прогласен за невин, ако пред суд не се докаже истото.

Сега, седум години подоцна, со СДСМ на власт, со потрошени милиони и милиони евра за градење па за рушење на СЈО, судски процеси, пазарења, повторно сме на истото, само овојпат многу поистрошени, со помалку нерви и послабо здравје. Овојпат актуелниот претседател Пендаровски реши да стави потпис со кој само го потврди она што го направи Иванов - ги застаре предметите.

Гледам одредени професори се обидуваат да го релативизираат овој чин под превезот на „и еден ден поминат во затвор е претежок“, без да ја сфатат суштината на револтот на обичните граѓани - дека кај нас, и со 3 годишни и со 20 годишни казни, ПОЛИТИЧАРИ НЕ ОДГОВАРААТ ЗА ГРАБЕЖ НА БУЏЕТОТ, во процедури кои се носат надвор од очите на јавноста, без јавни дебати, со плукање во лице на граѓаните и на правните експерти, ама затоа со печат на „европско знаменце“. А освен „европско знаменце“ ставено на гнасни закони, ништо друго од ЕУ не видовме.

Само власта денеска ја слави независноста на Македонија. Мене овој ден секогаш ќе ме потсетува како возев до тетовската болница во 10 часот навечер додека ми се тресеа рацете, откако живи луѓе гореа. Сега, имам и причина плус да не славам, туку да тагувам. Оти ни го киднапиравте единственото нешто што го имаме, а очигледно е дека немаме ниту пари ниту моќ да си го вратиме.

Нека ви е среќна независноста, оти овде навистина сте си, независни, а богами и слободни да си играте со нашите пари, нерви, а најмногу со нашето здравје (па и живот, во буквална смисла), како сакате и кога сакате.