Јавното обвинителство најслабо се борело против корупцијата, рече Слаѓана Тасева

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ ги презентира резултатите од Националниот систем на интегритет на Република Северна Македонија

Овој извештај опфаќа анализа на 15 столба на интегритетот, кои ги вклучуваат Собранието, Владата, јавниот сектор, медиумите, Јавното обвинителство, судовите, службите за спроведување на законот, приватниот сектор, јавните претпријатија.

Сите тие 15 столба се анализирани од аспект на тоа колку се стабилни како столбови на интегритет, анализирана е законската рамка и како она што е напишано во законите се спроведува во практика, објасни претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева.

„Резултатите се речиси блиски, некаде идентични, некаде полоши со оние од 2016 година“, рече Слаѓана Тасева и додава дека нема подобрување во резултатите на системот за национален интегритет.

Како што соопшти Тасева, Државниот завод за ревизија е повторно носечка институција, носечки столб, кој има најмногу интегритет, работи според правилата и законите, сѐ уште нема доволно ресурси и е една од институциите што понатаму може да ги поддржи другите столбови на интегритетот.

Вториот столб што има најдобар резултат е Државната комисија за спречување на корупцијата, која работи со недоволен капацитет од аспект на ресурси, но во другите делови имаат одличен резултат. Третиот е народниот правобранител.

„Очигледно е дека независните институции покажуваат поголем интегритет и подготовка да ја остваруваат својата улога во борбата против корупцијата и, за жал, оние што најмногу треба да покажат капацитет во борбата против корупцијата, Јавното обвинителство, кое е едно од најслабо оценетите и има најслабо оценет столб, кој има 38,9 поени, и службите за спроведување на законот, тука се и судовите, кои покажуваат многу слаби резултати и во однос на правилата за одговорност, отчетност и интегритет, но и од аспект во нивната улога во борбата против корупцијата“, рече Тасева.