Првиот круг гласање на претседателските избори генерално доби позитивна оценка од меѓународните набљудувачи, но со забелешка дека сé уште има потреба од реформи во изборното законодавство.
– Овие мирни генерално добро организирани избори покажаа дека може да се изнајде политички волја за одржување демократски избори, рече Серин Мобурн, специјална координаторка и шеф на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ. Таа истакна дека овој конструктивен пристап мора да се задржи и во вториот круг, како и во иднина и подвлече дека ќе биде вложен вистински труд за усвојување на кохерентно изборно законодавство и конечно да се решат долгорочните предизвици.
Мари-Кристин Дало, шеф на делегацијата на ПССЕ изрази жалење што излезноста беше мала за претседателските избори. Според неа, државните претставници внимавале да ја задржат одвоеноста меѓу службените и политичките активности и да избегнуваат користење државни ресурси во кампањата. Сите тројца кандидати, како што истакна шефот на ПС на ОБСЕ Рајн Холд Лопатка, се залагале за натамошна европска интеграција и дека во кампањата се расправало за суштински проблеми со дебати за нивните визии за иднината на земјата. Според него, транспарентноста и ефикасноста на ДИК била отежната од техничка неисправност на нивните информациски системи што предизвикало сомнеж за безбедноста на информатичката технологија. И шефицата на ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер се согласи со нејзините колеги дека изборите беа добро спроведени, нагласувајќи дека може многу да се постигне доколку постои политичка волја. – Недоволно изедначено известување за средствата потрошени од страна на кандидатите, регулирањето на активностите за кампањата на трети лица и известувањето од страна на политичките партии кои ги поддржуваа кандидатите ја намали транспарентноста на финансирањето на кампањата и ефективноста на надзорот, рече Јонкер
Со позитивна оценка на првиот круг од претседателските избори излезе и Граѓанската асоцијација МОСТ. Оттаму посочуваат дека во текот на изборниот ден биле забележани само неколку изолирани случаи на неправилности што не влијаеле на квалитетот на изборниот процес и на кои имало соодветна реакција од надлежните органи.
– Првпат по подолго време бевме сведоци на поголем број дебати помеѓу кандидатите преку кои на гласачите им беше овозможено да направат информиран избор, рече на вчерашната прес-конференција извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов.
МОСТ ја повторува својата препорака дека во најскоро време надлежните институции треба да ги отстранат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список.
Дека првиот круг од претседателските избори и предвремени избори за градоначалник на општините Охрид, Ново Село и Дебар беа споведни добро и во фер атмосфера покажува фактот што во Управниот суд не примиле ниту една тужба. Според претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, неподнесувањето на тужби претпоставува дека изборите минале во фер атмосфера, а очекувањата на Судот се дека таквиот тренд ќе продолжи и по завршување на вториот изборен круг.