Пендаровски предноста во гласови ја доби во Гостивар, Чаир, Тетово, Липково...

Заедничкиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вчера победи на претседателските избори во Македонија. Тој ја победи Гордана Сиљановска-Давкова, кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со 58.499 гласови разлика. Најголемата разлика во гласовите Пендаровски ја доби во Сарај, Чаир, Боговиње, Желино, Врапчиште, Дебар...

Во вториот круг од претседателските избори избројани се 844.265 гласачки ливчиња, од кои важечки се 813.925, а неважечки 30.442. Конечниот процент на излезноста е 46,7 отсто.

За Стево Пендаровски 436.212 гласачи (51,66%), а за Гордана Сиљановска 377.713 (44,73%).
Најголема разлика во гласовите Стево Пендаровски ја доби главно во општините во Западна Македонија.
Во Студеничани, на пример, разликата во корист на Стево Пендаровски е нешто повеќе од 4.000 гласови (или 91 отсто од гласачите во оваа општина гласале за Пендаровски). Во Сарај таа бројка е околу 7.700 или 90% за Пендаровски, 6% за Сиљановска. Во Желино таа разлика е уште поизразена - 96% за Пендаровски, а 1,4% за Сиљановска или предност од околу 3.300 гласачи.
Во Боговиње предноста е околу 4.400 гласачи во корист на Пендаровски (96%:1%); Врапчиште со 4.000 разлика (89%:7%); Гостивар 8.000 (69%:27%); Дебар 3.500 (80%:15%); Струга 6.000 (65%:31%); Арачиново 2.900 (93,84%:2,71%), Липково 6.500 (95%:0,5%); Чаир 12.000 гласа повеќе за Пендаровски (77%:17%); Кичево 2.000 (56%:39%); Тетово 10.000 (69%:26%); Теарце 3.000 (79%:16%)...

Од скопските општини, Пендаровски победи во Центар, Карпош, Бутел, Шуто Оризари и Сарај. Повеќе гласови Пендаровски освои и во Крива Паланка, Ранковце, Делчево, Куманово, Берово, Радовиш, Конче, Долнени, Крушево, Струмица...
Новиот македонски претседател не ја доби довербата на гласачите во Сопиште, Македонски Брод, Дебарца, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Илинден, Петровец, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид, Гевгелија, Велес, Штип...
Во првиот круг Стево Пендаровски освои 322.581 глас, а Сиљановска 318.341 глас. Тогаш на гласање излегоа 753.520 избирачи или 41,67 отсто од вкупниот електорат.
Пендаровски ќе биде петтиот претседател на Републиката. Оваа фукција пред него ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и во изминатите десет години во два последователни мандата Ѓорге Иванов, од кого Пендаровски ќе ја преземе должноста.