ИПИС најави тужби по обвинувањата на СДСМ за креирање на лажни анкети

Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) најавија тужби по тврдењата на СДСМ дека креирало лажни анкети на јавниот сервис. Од таму додаваат дека соработката со МТВ е по примерот на водечките светски медиуми каде се истражува јавното мислење. Тие посочуваат дека ова е договор помеѓу ИПИС и продукцијата која е одговорна за овие емисии на МРТ без притоа да биде инволвирана било каква трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко лице.

„Во однос на прецизноста и методологијата на самите анкети, ИПИС со сето свое искуство и минат труд стои позади резултатите кои се објавуваат. За точноста на податоците од истражувањата на ИПИС доволно е да се направи едноставна компарација со претходните изборни циклуси или референдуми во изминатите петнаесеттина години каде јасно може да се види дека сите проекции на изборните резултати кои ги објавил ИПИС се точни, односно во рамки на дозволената маргинална грешка.

Со жалење можеме да констатираме дека дел од општествените чинители наместо да бидат корективен фактор кој ќе се бори и ќе ги сузбива лажни вести и дезинформации, тие во одредени случаи се и самите креатори или поддржувачи на истите. За изнесените невистини поврзани со ИПИС ќе се преземат сите правни средства кои ни стојат на располагање, вклучително и тужби пред надлежните судови“, се вели во реакцијата од ИПИС.