Има ли потреба од зголемување на бројот на автобуси во јавниот превоз?

Додека западноевропските метрополи го зголемуваат јавниот превоз како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, ЈСП вози со редуциран возен ред. Ова доаѓа во момент кога во сила се протоколите според кои во автобусите се ограничува бројот на патници на 50 отсто од капацитетот.

Кај редуцираните линии често може да се забележат гужви. А зголемен е само бројот на автобуси кои и така беа најредовно како што се 5-ка, 15-ка, 57-ца...

Граѓаните кои живеат во одредени мораат да ги користат своите возила или да бараат друг алтернативен начин на превоз бидејќи автобусите таму поминуваат на 40 минут, а некаде дури и на повеќе од еден час.

Од ЈСП, пак, тврдат дека бројот на возила е зголемен од 140 на 190.

Режимот на превозот не е направен паушално, туку врз основа на бројот на валидации од електронскиот систем на наплата, а во неколку наврати извршено е и физичко броење на просечен број на патници. Бројот на корисници кои го користат јавниот превоз укажува дека актуелниот режим на сообраќање ги задоволува потребите на корисниците и не се регистрирани поголеми гужви, велат од ЈСП.

Градскиот татко исто така уверува дека моменталниот возен ред ги задоволува потребите на скопјани.

-Анализите кои ги имаме кажуваат дека бројот на патници е за 30 отсто намален, без оглед на тоа колкав е бројот на превозни средства што ќе го пуштаме. Едноставно, ги немаме учениците веројатно и пензионирате. Има помала гужва, го прилагодуваме возниот ред на начин да одговори на потребите на граѓаните, рече Шилегов.

Во меѓувреме, во меѓуградските автобуси на патниците не им се дозволува да седат заедно. Задолжителна е дезинфекција на влез во автобусот, а не се дозволува ниту внесување храна и пијалаци, за да не се вадат маските за време на возењето.

Инаку, Град Скопје не планира нови интервентни мерки против загадувањето. Шилегов тврди дека во последните три години градските и општинските власти донеле 27 интервентни мерки кои придонеле за помал број на загадени денови. Минатата недела мерните станици континуирано покажуваа високи вредности на ПМ честички во воздухот.