Илиеска: Со замрзнувањето на цените и зголемување на ДДВ на прехранбените производи во ист ден, владата очекува компаниите да танцуваат со врзани нозе

Анастасија Илиеска, поранешна директорка на Управата за јавни приходи и Државен секретар во Министерството за внатрешни работи, во разговор за нашиот портал, констатира дека после скоро седум години практикување власт очигледно е дека владата нема цел, визија и стратегија како да се справи со економските предизвици.

Поддршката на фирмите е субјективна, нетранспарентна, a недостатокот на контролен механизам создава плодна почва за корупција, нотира таа. 

Она што особено ги тангира граѓаните е животниот стандард и цените на основните прехранбени производи за кои секојдневно има поплаки. Сиромаштијата во земјава ја потврдува и Илиеска. 

На оваа тема Илиеска цитирајќи ги официјалните податоци вели во Македонија драстично е зголемен бројот на граѓани кои живеат во екстремна и умерена сиромаштија и таа бројка секоја година се зголемува од која за жал 1/3 се деца. Притоа потенцираше дека граѓаните што живеат во сиромаштија, инфлацијата ја чувствуваат повисока за 3 проценти, поради цените на производите и услугите кои ги користат.

„Ако имаме во предвид дека дури 80% од приходите во едно просечно семејство се трошат за набавка на храна, а цените на прехранбените производи поради стапката на инфлација се зголемени најчесто дупло, ова доведе до значително зголемување на бројот на граѓани кој живеат во екстремна и умерена сиромаштија“, објаснува Илиеска и вели дека нелогично е со одлука на Влада да се замрзнуваат цени на прехранбени производи, а при тоа во ист ден со закон да се зголемува данок на додадена вредност на прехранбени производи.

„Дополнително зголемувањето на данокот на додадена вредност на прехранбени производи во време на висока инфлација нема логична и економска оправданост“, додава таа.

„Овие постапки наведуваат дека замрзнувањето на цените е со цел да не се почувствуваат реакциите на пазарот од зголемување на данокот на додадена вредност, а во буџетот да се влеат дополнителни приходи од данокот кој се плаќа при промет на најосновните и најнеопходните производи за живот. Сето ова влијае на движењето на стопанските субјекти, од кои се очекува да танцуваат како што им свират, а од друга страна им ги врзуваат нозете“, констатира Илиеска.