И билтенот на МВР знае да згреши, како 3-те жени станаа 3-ца мажи

На 7-ми март, еден ден пред официјалниот ден на жената во билтенот на МВР се појави настан од Виница каде се опиша како 3 жени ги нападнале своите сосетки поради нарушени односи и притоа им нанеле повреди. Скопјеинфо како и многу други портали ја пренесоа таа официјална верзија на настаните според МВР.

Да видиме како беше опишан настанот од 7-ми март:

„Вчера во 17.20 часот, полициски службеници од Полициската станица Виница ги уапсиле М.А.(63), А.А.(41) и Д.А.(33), сите женски лица од с.Трсино, виничко, постапувајќи по претходна пријава дека на 03.03.2024 околу 16.30 часот физички ги нападнале нивните сосетки С.А.(58) и М.А.(31), при што употребиле и тврди предмети“.

Но веднаш потоа имавме реакции од страна на читатели кои велеа дека ова не е баш вака како што пишува од страна на МВР, и жените напаѓачи се фактички мажи. Ни беа предочени и имињата и презмињата на напаѓачите но сепак се одлучивме да се држиме до официјалната верзија.

За денес да се случи пресврт во соопштението на МВР. Трите жени за кои се зборуваше пред една недела станаа 3-ца мажи против кои е покрената кривична пријава и се лишени од слобода. Вака изгледа соопштението на МВР за денешниот настан:

„Жените се скриле во помошен објект, но осомничените ги извлекле и започнале да ги удираат, нанесувајќи им телесни повреди, а предизвикале чувство на страв и кај уште една жена – сведок на настанот. На овој начин осомничените сториле кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, велат од Обвинителството.

Скопјеинфо поседува и слика од надзорната камера во време кога се случил нападот на 3-цата мажи.

Според првичните сознанија, причина за насилството биле подолготрајни нарушени односи меѓу две семејства во селото, а при лишување од слобода осомничените продолжиле да се закануваат дека ќе извршат убиство.

Со оглед на опасноста осомничените да го повторат делото или да извршат друго дело со кое се закануваат, но и опасноста од бегство, јавниот обвинител до Основниот суд во Виница достави предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот и определи притворска мерка спрема сите осомничени.