Два полициски хеликоптери го гасат пожарот кај Селце, изгореа над 100 хетари шума

Два полициски хеликоптери го гасат пожарот во атарот на тетовското село Селце информираше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Авионите за гаснење на пожарот според Ангелов не можат да се користат поради тоа што нема кој да лета со нив.

„Пожарот кој пред четири дена започна на Шар Планина во атарот на село Селце, сè уште е активен поради сериозните димензии што ги доби. Во текот на денешниот ден ангажиравме и втор полициски хеликоптер. Во текот на вчерашниот ден покрај ренџерските тимови на Националниот парк Шар Планина во гаснењето помогнаа и тимови на Територијалната противпожарна единица Тетово, но и еден полициски хеликоптер. Во текот на денешниот ден на самото место гасат два полициски хеликоптери, како и неколку тимови ренџери од Националниот парк Шар Планина но и неколку тимови на ТППЕ Тетово“, изјави Стојанче Ангелов.

Според Ангелов, авионите на Дирекцијата за заштита и спасување не можат да се користат, поради проблеми со пилотите. Тој со проценка дека огнот е далеку од куќите во селото.

„Моја процена е дека во овој момент нема опасност по куќите од село Селце затоа што густата чад потекнува меѓу другото и од лисјата кои ги има во поголема количина на местото каде што се одвива линијата на огнот. Линијата на огнот е доста широка, повеќе од еден километар, за жал немаме на располагање ниту еден „Ер-трактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување поради проблемот со пилотите. Тие значително ќе го олеснат гаснењето на овој на овој шумски планински пожар. Продолжуваме со гаснење со два хеликоптери, се надевам дека попладнево ќе го ставиме под целосна контрола“, изјави Стојанче Ангелов.

Шумскиот пожар зафати површина над 100 хектари информираа денеска од Националниот парк Шар Планина.