Групирањето надвор забрането, ама затоа во „кластер ЈСП“ е дозволено и во најцрните денови

Македонија се соочува со нови црни денови на пандемијата, но со стари проблеми кога е во прашање заштитата на здравјето на граѓаните. Автобусите на ЈСП и натаму продолжуваат да бидат кластери на корона вирусот.

Застрашувачки слики се појавија вчера на социјалните мрежи на кои се може да се види толку преполн автобус на ЈСП што ни врата не може да се затвори. Иако проблемот постои уште од првиот ден на пандемијата, власта и Град Скопје го игнорираат дури и сега кога заразата е рекордна, а Македонија е во друштво на земјите со највисока стапка на смртност од корона вирусот, на милион жители.

Вчера беше можеби најцрниот ден, во земјава имаше 1.321 заразен и 26 починати од корона вирусот, а само во Скопје високи 583 заразени и 7 починати.

На сила се мерки како забрана за групирање на повеќе од 4 лица на отворено, задолжително носење на маска, забрана за организирани настани, скратено работно време на угостителските објекти, но и препораки да нема ни семејни собири. Што значи, штом власта ги донесе мерките свесна е за сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме.

Токму затоа, е нејасно тоа што иако знаат низ каков период минуваме, сепак го игнорираат проблемот наречен „кластер ЈСП“. Нејасно е како за власта е опасно 5 лица на отворен простор, а не е опасно преполн автобус каде луѓето се залепени еден до друг и практично си дишат во лице и врат.

Граѓаните со месеци апелираат до власта за преполните автобуси, постојано се споделуваат слики од гужвите, се со цел да се добијат повеќе линии, а со тоа ќе се заштити и нивното здравје. Сепак постојано се наидува на игнорантски однос од страна на надлежните кои сите ги прават слепи, велејќи дека бројот на патници не е толку голем, или пак дека морало да се штеди.

Но, сега потребата за јавен превоз е најголема. Граѓаните веќе одамна се вратени на редовните обврски, а студените денови заедно со високата загаденост на воздухот прават да се повеќе се користи јавниот превоз, а со тоа и да се зголемуваат гужвите во и онака ретките автобус.

И додека власта штеди на здравјето и животите на граѓаните и на очиглед ги прави сите будали, автобусите на јавниот превоз остануваат да бидат едно од најопасните места како извор на зараза среде пандемија.