Грција воведува ред на плажите за нелегално поставените лежалки и маси

Грчката Влада изгласа нов закон со кој се става ред на плажите јави дописничката на МИА. Премиерот Кирјакос Мицотакис објасни што предвидува овој закон.

“За она што го гледавме, одиш на организирана плажа и е преполна со лежалки, сега обезбедуваме дека 70 отсто од површината на плажата треба да биде слободна и ќе треба да постои минимално растојание од четири метри од морето до првиот ред лежалки, за да го немаме повеќе она кога лежалките всушност се во вода“, рече Мицотакис.

Објасни дека за плажите што се во заштитените области Натура, наместо 70, ќе треба да биде слободна 85 отсто од површината, односно лежалки и чадори ќе биде дозволено да бидат поставени на само 15 отсто од плажата.

За да се добие лиценца за користење на плажа, задолжително ќе биде учеството на електронска лицитација, а по добивањето, концесионерот ќе биде обврзан да ја чисти плажата, да обезбеди пристап за лица со инвалидитети и да постои спасувач.

“Изгласавме нов закон кој става ред на нашите плажи и во суштина прави три работи: обезбедуваме слободен пристап на сите плажи за сите, користиме нови технологии како за тендерите за плажите, така и за контролите и воведуваме построи казни за оние кои го прекршуваат законот“, рече грчкиот премиер.

Во однос на спроведувањето на законот, истакна дека ќе има многу поинтензивни контроли и построги казни за прекршувачите.

“Прво, многу повеќе контроли и употреба на технологијата. Ако видите некој дрон да лета над плажа може да е во рамките на контролите што ќе ги спроведуваме. Второ, вие самите ќе ни помогнете да го спроведеме законот. Како? Преку специјална апликација на која јасно ќе се гледа на кое место од плажата и на колкав дел ќе може да се постават чадори и лежалки. А ако концесионерот, на кој било начин го прекршил законот, да ни го пријавите тоа. Да ни кажете и ние ќе спроведеме контроли. И на крај, зголемување на казните. Доста високо за да знаат сите дека ќе постојат, не само строги екномски последици, туку дури и затворање на бизнисот што ќе го прекрши законот“, порача грчкиот премиер.