Госпоѓите од големото „добро утро“, се фалат дека носат бренд, а купуваат од Шутка

Прочуен е пазарот во Шуто Оризари низ Македонија. Од сите градови одат таму, каде може да најдеш се и сешто, ама едноставно и да се изнасмееш. 

Луи Витон, Прада, Шанел, многу шминки, светкав накит и златни обетки и нараквици, разнобојни фустани, се’ на едно место, подредени на тезги или расфрлани на пакети со импровизирани гардероби.

Вака изгледа прочуениот пазар во Шутка, каде има по нешто за сечиј вкус, од спортско до елегантно, летно, зимско, сандали и чизми, без разлика која сезона е.

-Поголемиот дел од скопјанките се кријат и не кажуваат од каде пазарат. Секој викенд доаѓат овде кај нас во Шутка, ние имаме евтина и модерна облека. Има многу госпоѓи кои сакаат да се ценкаат, вели еден продавач од пазарчето во Шутка.

Пазарот во населбата Шуто Оризари е познат по ниските цени и по можноста за пазарење, па за помалку пари да се купат повеќе работи. Наредени куп тезги една до друга,секоја нуди нешто слично, ама барем за десетина денари поевтини од соседите, како што велат тие „за инат“. 

-Познавам многу девојки кои се фалат дека носат бренд, но знам дека тие парчиња облека ги купуваат од Шутка, вели Наташа од Аеродром.

Продавачите велат најмногу доаѓаат девојки кои купуваат чанти, за цени од 150 до 400 денари добиваат имитација на светските брендови, со дополнување дека е иста како оригиналот.

-Исто е како и во град, само во град дуќанот го плаќаат. Ние лоши работи не продаваме. Се’ е исто, се’ е од Турција, квалитетно, модерно, вели продавачот кој ни кажа дека следната недела ќе му стигнела нова роба.