Глигорова: Со плата од 22.000 денари тешко се живее во мафијашка Македонија

Активистката Ана Глигорова и овој пат ја „крена“ јавноста на социјалните мрежи со својот став за она што не чини во македонското општество, па затоа отселувањето е секојдневие. 

- Деновиве истражувам по огласите за работа во Македонија. Се бараат угостителски работници, бравари, столари, диспечери, доставувачи... Се за 22 000 денари плата (се врткаат газдите околу законскиот минимум). За таа плата, со мобинг од нарцис или психопат тешко се живее во мафијашка Македонија. Поради овие причини нашите млади се решаваат да живеат под кирија (солена) во зеленашките западноевропски држави.Таму нивните млади живеат од киријата на нашиве кои плаќаат по 800, 1000, 2000 евра стан. Се лишуваат од приватност (исто купатило за шест непознати или малку познати луѓе) за грст евра кои ќе ги заштедат со мака. Ќе речат, умните ФБ глави - подобро роб на странецот, отколку на нашиот мафиоз, и до некаде се во право, но не во целост. Тоа е лажна перцепција на стварноста, класно поделена насекаде. Дискриминацијата таму е ублажена, но исто силна кога реално ќе погледнеме во неа. Храната е достапна, но се ли е во храната, кога родителите ги гледаш на камера од далечина? За еден краток живот на земјава никакви евра не можат да ти надоместат топлина на родна грутка. Феноменот е социолошки, психолошки, културолошки, но и политолошки. Отселувај, раздвој, потчини, задолжи, ....Тактика на посилниот предатор. Нашиве локални мафиози кои во шаки ја држат целата држава се предатори кои го јадат својот народ, затоа децата бегаат таму каде што немаат корени, детство, спомени, имот. Живеат во страв да не станат работонеспособни и непожелни во туѓината, а тоа се случува после 40 та година, пиштува таа. 

- Чаре? Да ги едуцираме децава да избегнуваат било каков вид на експлоатација, да најдат начин да бидат финансиски независни до некоја мерка.Вака уште неродени се осудени на ропство, порачува Глигорова.