Герасимовски: Тој што критикува имал три ипол години да го смени ДУП-от за „Треска“

-Зошто некој донел мораториум и не го подобрил ДУП за „Треска“ и потрошил три ипол години без да најде подобро урбанистичко решение, праша градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во „Утринска“ на „Телма“.

Герасимовски критикуваше дел од советниците во општинскиот совет кои обвинуваа за бетонизација на просторот на поранешната фабрика „Треска“.

-Во тие три години кога бил активен мораториумот, една од тие советнички била претседавач на Совет, зошто три ипол години не го смениле ДУП-от. Јас лично прашувам, зошто не е сменет ДУП-от и на Водно, знаете како викаат тој бил усогласен со ГУП-от. Не е вистина, не е усогласен затоа сега е укинат од страна на Уставниот суд. Ако се сеќавате пред 6 -7 месеци најдовме начин да не го оштетиме општинскиот буџет и да ги стопираме оние 8 парцели коишто се на Водно. Најдовме начин преку Совет ги стопиравме, зошто некој не го направил тоа во тие три и пол години за „Треска“ кога имало мораториум. Што работеле, оделе по службени патишта, користеле службени автомобили? Наместо промена на ДУП, спроведени биле идејни решенија кои не се ниту прво наградени, од второ место па надоле се. И сега бараат нив да ги спроведеме. Како, кога и тие отстапуваат од параметрите на важечкиот ДУП, кажа Герасимовски.

Герасимовски вели дека сегашните гласноговорници за „Треска“ наместо законска процедура за урбанизирање во време на мораториум преку промена на ДУП, трошеле пари од општината за идејни конкурсни решенија кои не може да се применат.

-И јас велам за делот на Треска ДУП-от не е идеален и треба подобро решение, но да не ги лажеме и манипулираме граѓаните дека тие идејни решенија може да се применат. Има важечки ДУП и тој е на ниво на закон, како можеме, кој може да го стопира, си има законски процедури за негова промена. Тоа е процедура минимум 2 години, 18 месеци е законски ама тие не го направиле тоа во тие 3,5 години и сега зошто не се применат идејните. Има одредени општини кои сега плаќаат пенали заради нереализации зар треба да ги користиме парите на граѓаните за казни или треба со истите средства да реализираме одредени проекти коишто се за јавно добро и за добро на општината, вели градоначалникот на Општина Центар.