Еминентниот американски весник NY Times направи листа од 9 најдобри европски фестивали за сезоната лето-есен 2018 година, а на листата се најде и Галичка свадба, свадбениот фестивал кој се одржува секоја година во нашата земја.
Навистина е зачудувачки како еден свадбен фестивал кој се одржува во Галичник успева да привлече толку големо внимание од светската сцена, до таа мера што медиум како New York Times го сместува помеѓу деветте најдобри фестивали во Европа.
„Според сите стандарди, Галичник, Македонија, е многу мало место. Само двајца постојани жители живеат во ова планинско село скриено под планинскиот масив на Бистра, отприлика десетина километри оддалечено од албанската граница. За време на свадбениот фестивал кој традиционално се одржува на православниот христијански празник Св. Петар, популацијата неколкукратно се зголемува. Илјадници туристи и печалбари ги полнат околните куќи за да просведочат на тридневниот фестивал исполнет со свадбени обичаи, традиционални ритуали и свадби на претходно избраните парови“, пишува во текстот објавен на вебсајтот на NY Times.
Во текстот беа спомнати во детали свадбените ритуали, фактот дека жените на овој фестивал носат традиционални македонски носии постари од 300 години, па дури беше спомната и македонската ракија како пијалок кој секоја година ја одбележува оваа манифестација. Оваа година Галичката свадба ќе се одржи во викендот од 13 до 15 јули.
Покрај Галичката свадба, на листата се најдоа уште и Мидсамер фестивалот во Шведска, Фестивалот на Јасминот во Франција, Ла Томатина во Шпанија, Медиавал фестивалот во Германија, Фестивалот на бродови во Шкотска, Фестивалот на пивото во Чешка, Винскиот фестивал во Франција и Фестивалот на бели тартуфи во Италија.