Фудбалскиот клуб Вардар доби свој дом во Аеродром

Фудбалскиот клуб Вардар доби свој дом во Аеродром. Како што соопшти првиот човек на општината Тимчо Муцунски пуштен е во употреба новиот фудбалски терен наменет за младинската школа на клубот.

- Ветувањето дека ќе дадеме поддршка за враќање на Вардар на старите патеки, вчера стана реалност. Вардар, Комити и младите фудбалски таленти отсега имаат свој дом во Аеродром и со ова Аеродром е првата општина во Скопје која дава поддршка за црвено – црните, клубот кој е национална и спортска гордост на Македонија. Официјално го пуштивме во употреба новиот фудбалски терен кој Општина Аеродром со поддршка од приватниот сектор целосно го реконструираше и го стави на користење на фудбалскиот клуб Вардар, за потребите на младинската школа, порача Муцунски. 

- Убаво беше чувството во присуство на докажаните фудбалски имиња, фудбалерите кои некогаш играле за Вардар и оние кои сега ги бранат боите на клубот, на свечен настан да го отвориме новото игралиште, каде ќе се градат новите македонски фудбалски таленти, додаде градоначалникот кој наедно упати и благодарност до претседателот на советот Дејан Митески, фудбалскиот клуб и навивачката група „Комити“ и сите оние кои дадоа свој придонес и поддршка за реализација на, како што рече, оваа идеја која има големо значење за фановите, клубот и генерално за спортот во Македонија.