Фросина Фро: Пред илјадници очи ја изгубивме Вања, станавме бездушен град!

Исчезнувањето на 14-годишното девојче во центарот на Скопје, среде бел ден и натаму ја бранува јавноста. За ова, но за сѐ она што е Скопје, свое видување преку интересен фејсбук статус даде инфлуенсерката Фросина Фро. 

- Сме станале бездушен град. Народ кој секогаш брза некаде да стигне. Во оваа сурова борба за опстанок во Скопје секој некаде брза, секој трча да не задоцни негде. Гужва на сите страни. Толку многу народ, а нигде луѓе. И после се чудиме зошто Вања никој не ја видел во сред бел ден на едно од најфреквентните места во Скопје каде колони од возила стојат во гужвата на семафори, каде цел рој пешаци чекаат да се пушти зелено, Вања НИКОЈ не ја видел. Ова ли е тоа кога лајф кочи ве учат дека треба да си гледаме прво за себе, дека не треба да ни е гајле за другите. Оваа ера на индивидуализам која вие ја дигате на пиедестал ни го уништи чувството за заедништво. Па во Скопје веќе комшија со комшија не се познава. Луѓето не знаат кој живее карши нивната врата. Се гадиме од оговарање и радозналост и преминавме во една друга крајност на потполна затвореност, ладни лица без емоција,незаинтересираност за остатокот од светот, вели Фросина во својата објава. 

Таа сподели и едно свое искуство. 

- Се чудиме за Вања што никој не ја видел. Па пред две години во ГТЦ на еден човек му се слошува, паѓа на скалите на влезот од страната на плоштад. Луѓе го поминуваа, една дури ќе се сопнеше од него. Никој не застана. Никој! Никој! Сите зафатени со големи бизниси, да не им пропадне некоја зделка, работничката класа да не ги избркаат ако задоцнат, никој не застана да му помогне на човекот. Викав брза помош, дебилите ме прашаа да не е пијан? Па колку е стар. Дојдоа дури за пола саат, но тие не се сега тема за опсервација. Никој не се понуди да помогне. Го загледуваат само од страна, под око. Тоа е жалната вистина за луѓето во мојот град, споделува Фросина. 

Пишува - Станавме змиско гнездо, сурова борба за преживување.

- Паролите по социјалниве мрежи дека треба да се фокусираме на себе и да си гледаме за себе напишана од разно разни луѓе со повеќе од 1000 следбеници на нив народов многу погрешно ги сфаќа. Гледајќи секој за себе станавме себични. Зошто сите промовирате индивидуалност, самољубие и слично, а никој не се труди да го развие чувството за заедништво. Дури и да живееш сам, чувството за заедништво не смееш да го изгубиш, затоа што еден град, една држава, па и еден одделенски клас, претставуваат едно заедништво. Ние функционираме во заедништво секаде, на секое ниво. Човекот е zoon politikon, нормално и етички е да се грижиме за доброто на заедницата, а не само за индивидуалното добро само. Со ваков мајндсет во погрешен правец сме. Кога се движите негде погледнете наоколу, не само во себе или пред себе. Ако видите нешто лошо помогнете да се подобри, ако видите нешто убаво наполнете ги очите. Пред илјадници очи ја изгубивме Вања, секој загледан само во сопствените рушевини, гласи пораката на Фросина која треба да биде освестувачка за голем број граѓани на метрополоата.