ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ: Од септември овие државни институции ќе работат во две смени

Од први септември дел од администрацијата во земјава ќе работи во две смени, за да им се излезе во пресрет на сите граѓани, а флексибилно работно време ќе има и за државната управа.

Ова го соопшти министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски.

Работното време во овие институции ќе се одвива од 7 до 14:30 часот и од 14 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот со време на работа од 8 до 16 часот. Конкретно станува збор за Управата за јавни приходи, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав.

Понатаму е можно и дополнување на одредени институции во оваа листа, а истата и ќе се изменува ако е потребно. Ова го посочи министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски.

Што се однесува до флексибилното време кое ќе се воведе работниот ден ќе трае 8 часа со што почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот .