Филипче: Додека се боревме со три кризи ги решававме и стратешките прашања

Носителот на листата во изборна единица 4 вчера вечер присуствуваше на отворање на нов изборен штаб во Прилеп. Пред неколку стотини присутни во победничка атмосфера, Филипче потсети на работата на Владата и кризите со кои се соочуваше државата изминатите години.

„СДСМ имаше тешки седум години владеење во исклучителен кризен период во светот и регионот. Ниедна влада не се борела со три последователни кризи. Се боревме со Ковид, па со економска криза, па на крајот и со енергетската. Згора на се, одлучно се нафативме да ги решаваме клучните стратешки прашања за земјата. Ова не е алиби за дел од грешките кои ги правевме и мора да ги исправиме во иднина, но е сериозна потврда за издржливоста и напорната работа која ја вложивме. Милиони и милиони евра директно ги вративме кај граѓантие по основ на покачени плати, финансиски олеснувања и шест пакети антикризни мерки. Сите политики на СДСМ беа насочени да може полесно заеднички сите да ги пребродиме кризите. И ова не е малку, ниту беше лесно. Заради ова, ние имаме право да побараме поддршка од граѓаните со крената глава“ – истакна Филипче

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаква реална промена, тоа се истите луѓе кои порано биле во третиот ешалон во владите на Груевски.

„ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаква промена и тоа граѓаните го знаат и го гледаат. Најголем дел од луѓето ќе ви кажат дека не гледаат никаква алтернатива во ВМРО-ДПМНЕ кое ги нуди истите кадри и политики од пред 2017 година. ВМРО ДПМНЕ имаат една единствена цел, како да ги остварат личните и партиски цели. Ним им се само важни политички кариери и владини фотелји, граѓаните ќе ги заборават преку ноќ ако дојдат на власт. Со право многумина велат дека тие биле најдеструктивната опозиција во историјата на македонскиот парламент. Нема што не блокираа за политички поени, од антикризни мерки до финансиска поддршка за граѓаните во време на пандемија.