Есенски садници за денот на Општина Карпош

Во рамки на денови на Општина Карпош, денеска градоначалникот Стевчо Јакимовски, заедно со делегациите од збратимените општини, засадија 12 високо квалитетни листопадни и зимзелени дрвја на улицата ,,Бледски договор”.

Општина Карпош, како одговорен општествен субјект, и оваа година придонесе за зазеленување на јавните површини, велат од таму. „Два пати годишно, Општина Карпош издвојува сума од 1.400.000 денари за зазеленување и обновување на зелените површини, со цел да се постигне здрава и чиста животна средина. Буџетот кој е издвоен за есенското садење изнесува 1.000.000 денари, и од истите набавени и засадени се 448 садници на територија на Општина Карпош, од кои:

-црвен јавор 50, каталпа 25 садници, обичен јавор 158 садници, дрво фотонија 20 садници, туја смарагд 20, црвена слива 10 садници, туја пликата 50 садници, јапонска мушмула 5 садници, цветен пепел 20 садници, црвен костен 10 садници, див костен 15 садници, црвена гума 15 садници, јапонска цреша 10 садници, јапонска хризантема 20 садници и чемпрес со три топки“.

Првиот човек на Општината, Јакимовски истакна дека е важно да се садат што повеќе дрвја, за да може да се заштити животната средина.

-Задоволство ми е што заедно со збратимените градови засадивме 12 дрвца на целосно реконструираната улица ,,Бледски договор”. Инаку, во акцијата за есенско садење, имаме преку 450 нови садници. Секое дрвце што е насадено има заштитна ограда, со плочка на збратимени градови кои што нивните градоначалници или претставници од нивните општини, го засадуваат. Би сакал да апелирам до граѓаните, да се грижат за зелените површини, бидејќи тоа ни е од особена важност за секој од нас, за чиста околина – заврши Јакимовски.

Во пролетното садење, од буџетот потрошени се 400.000 денари, од кои набавени се 116 садници, со кои е збогатена јавната зелена површина во Општината. Дополнително, Советот на Општина Карпош на една од седниците, одвои сума во износ од 1.000.000 денари за обновување на тревни површини и нискогрмушести растенија. Општина Карпош е локална самоуправа која е посветена на создавање на нови зелени површини, бидејќи вложувањето во животната средина е трајна придобивка за сите сегашни и идни генерации.